
Епизода 1.
Транскрипција
Здраво,
Ова е првата епизода на Македонкаст каде што ќе се обидам да зборувам бавно на македонски јазик.
Македонкаст е поткаст за сите оние коишто го изучуваат македонскиот јазик.
Затоа, во првата епизода ќе зборуваме за причините поради кои луѓето учат македонски јазик.
„Но, македонскиот јазик го зборуваат само околу два до три милиони луѓе (вклучувајќи ја и дијаспората), се зборува во само една мала држава, па, зошто некој би сакал да го учи македонскиот јазик како странски јазик?“
Добро прашање.
Прво, точно е дека јазици како англискиот, францускиот, или шпанскиот се многу попопуларни бидејќи се зборуваат насекаде во светот. Јазик каков што е македонскиот, кои го зборуваат мал број на луѓе, се учи ако имате автентична или вистинска причина да го учите. На пример, многу луѓе учат македонски јазик од емотивни или семејни причини. Внуци или деца на Македонци од македонската дијаспора, коишто изгубиле контакт со јазикот, се решаваат да го научат македонскиот јазик за да се поврзат со корените. Други, луѓе кои живеат во Македонија и сакаат да го научат локалниот јазик.
Тоа е за пофалба бидејќи во Македонија, многу млади луѓе зборуваат англиски, но кога му зборувате на човек на неговиот мајчин јазик, зборувате со неговата душа, како што вели Нелсон Мандела.
Понатаму, постојат многу јазичари и полиглоти коишто ги интересираат балканските или словенските јазици и македонскиот јазик го привлекува нивното внимание како словенски јазик со многу различни влијанија. Така што, македонскиот јазик дефинитивно може да се учи од забава, знаејќи дека е многу богат и, јас би рекла, посебен.
Која и да е причината поради која учите македонски, знајте дека на Македонците им е многу мило кога се интересирате за нивниот јазик. Не е секојдневие да се сретне странец кој учи или зборува македонски, така што во нивните очи сте вистински херој.
Вистина е дека на интернет нема многу материјали или ресурси за учење македонски јазик, како што има за шпански или француски, на пример. Ве повикувам да барате содржина на македонски како мајчин јазик, која може да ви помогне да го слушате и вежбате јазикот.
Од друга страна, Македонците, како и сите луѓе кога си зборуваат на својот мајчин јазик, зборуваат брзо.
Затоа, целта на овој подкаст е да зборувам бавно македонски, на теми коишто ви се допаѓаат.
Доколку сакате да ми предложите тема поврзана со македонскиот јазик или македонската култура, слободно контактирајте ме.
Едвај чекам да ги слушнам вашите барања, прашања или препораки и да ви помогнам да слушате повеќе македонски јазик.
Поздрав до сите и се гледаме наскоро!
Транскрипција + превод на англиски + вежби
Transcription + translation to English + exercises
Leave a comment